Барди специјално за Спортспорт: Јас и моето семејство се чувствуваме како дома во Турција

302
  • Огнен Чак Дојчиновски

Капитенот на фудбалската репрезентација на Македонија, Енис Барди ги разреши дилемите летово околу неговата иднина. Вчера и официјално беше претставен како нов играч на турскиот суперлигаш, Коњаспор, кој што воедно е негов трет клуб во оваа земја.

Летово Барди имаше слободни документи што се вели, затоа што на огромно изненадување минатата сезона со неговиот сега веќе екс клуб, Бодрумспор испадна од најсилната конкуренција во Турција. Автоматски Барди имаше право да си замине каде сака, а опции нормално со оглед на неговиот квалитет воопшто не недостасуваа. Сепак, тој повторно се одлучи за Турција, и средина која што очигледно многу му одговара.

„Да, сакав да останам во Турција. Тука јас и моето семејство се чувствуваме како дома искрено. Веќе четири сезони како сум дел од овој шампионат, во екипите на Трабзон и Бодрумспор, па ете сега одлучив да продолжам во Коња. Ми се допадна она што менаџментот на тимот ми го презентираше како проект за следниот период. Желбата и волјата на тренерот да ме види во тимот уште повеќе ме импресионираше и затоа сум тука. Се што во моментов ми е потребно Коњаспор  ми го овозможува“ – ни изјави специјално за Спортспорт, Енис Барди по потпишувањето за Коњаспор.

ФОТО:H/TUMOSAN
Konyaspor

Одбиени понуди од Шпанија, С.Арабија и Емирати….

Нормално, кога еден играч од класата на Енис Барди менува клуб, и одбира дестинација, јавноста ја интересира што се имал на разполагање како опција за да замине. Барди е екстра класа и нормално е да има понуди од секаков вид.

„Да, имав понуди, но се одлучив за Турција. Имаше повици од Шпанија, од С.Арабија, од Обединетите Арапски Емирати…. Едноставно убеден сум дека ова е правата средина за мене во овој дел од мојата кариера. Мислам дека не грешам со изборот, ќе докажам на терен повторно дека сум за највисоко фудбалско ниво“ – ни вели капитенот на фудбалската репрезентација на Македонија.

Тимот на Коњаспорт во изминатиот шампионат на Турција, заврши како единаесетти на табелата. Секако, незадоволнително место, кое мора да се подобри. Во тоа е убеден и нашиот капитен, и затоа е и доведен во клубот. За да го подигне квалитетивното ниво на уште поголемо скалило и со своите соиграчи повторно да донесе победнички менталитет во клубот.

 

 

ПретходноПартизан во новата сезона ќе биде домаќин надвор од Србија
СледноИако не е во плановите, Јунајтед сака добро да „ќари“ од Рашфорд