Македонскиот одбојкарски шампион во машка конкуренција, Струмица, за ривал во премиерната рунда од квалификацискиот дел во ЦЕВ Лигата на шампионите го доби тимот на Динамо од Букурешт, Романија. Станува збор за еден квалитетен ривал кој ќе биде продолжение на сезоните во кои Струмица има можност да се пресметува со дел од најквалитетните европски одбојкарски клубови.
Македонскиот репрезентативец Владо Милев кој е еден од најискусните во редовите на струмичани, не крие дека е задоволен што избегнаа ривал од калибарот на Олимпијакос од минатите сезони.
„Динамо Букурешт е шампион на Романија и е добра екипа. Ќе имаме квалитетни натпревари. Мислам дека ќе можеме да им парираме со оглед на тоа што нивниот квалитет не е како оној на Олимпиакос кој го имавме за противник минатата сезона. Доколку успееме да го минеме во тој двомеч одиме во второ квалификациско коло. Но и да загубиме, продолжуваме во ЦЕВ Купот каде не чека меч од првата квалификациска рунда и тоа против силниот чешки тим, Чешке Будејовице. И тоа е еден вид предизвик за нас и овој наш млад тим“, вели Милев.
Струмица првиот меч со Динамо (Б) ќе го одигра на домашен терен, 21/23 октомври, додека реваншот е една седмица подоцна во Букурешт (28/30 октомври).