СпортСпорт во Сан Марино, Огнен Чак Дојчиновски
Вардар вечерва на потешкиот начин успеа да се пласира во следната, втора фаза од квалификациите за Лигата на Конференции, откако одигра 2:2 во реванш дуелот против тимот на Ла Фиорита во Сан Марино. Ако се додадат оние 3:0 од Скопје на Арената, тогаш вкупниот резултат е 2:5 но останува горчината дека денеска Вардар требаше и мораше повеќе. Иако на почетокот од мечот губеше со пеналот на Жоао Фелипе, во вториот дел направи комплетен пресврт преку Мато и автороглот на домашната екипа, за да на крајот се случи истото на спротивната страна. Јанкулов и Талески не се разбраа на една нафрлена топка, па бекот на Вардар си постигна автогол за конечни 2:2.
Сега следува втората фаза од овие квалификации во кои Вардар ќе се сретне со претставникот од Швајцарија, екипата на Лозана.
Лошо прво полувреме
Вардар на многу лош начин го стартуваше овој дуел. Во стартните единаесет единствената измена од мечот во Скопје беше онаа на Спахиу со Донгмо, но во првиот дел едноставно ништо не функционираше во таборот на „црвено – црните“.
По само десет минути шокот пристигна со пенал. Играњето со рака на Ненад Мишковски заврши со најстрога казна, а сигурен реализатор е Жоао Фелипе.
По ова Вардар не се отрезни. Не заигра како што треба. Се мачеше во додавањата, во креирањето на акциите, едноставно не можеше да пробие меѓу линиите на противникот.
Дури во 41. Минута акцијата од лево ја доведе топката до Горан Закариќ, кој што во свој стил со лева нога биеше прецизно но само во гредата на голот на Мусиани. Ова беше единствената ситуација вредна за споменување која „црвено – црните“ ја создадоа во првиот дел.
Пенал за Вардар за враќање во игра
Стартот на вториот дел од мечот го означија трите измени во Вардар. Излегоа Закариќ, Тодоровски и Донгмо, а влегоа Мато, Данев и Кастањеда. Се тргна поофанзивно, и во 58. Минута клучен момент од мечот. Оласебикиан нафрли, а еден од домашните играчи играше со рака во сопствениот шеснаесетник. Тоа значеше пенал за Вардар и сигурна реализација на Роџерс Мато.
Полесно се дише во таборот на Вардар. Веднаш и нова зицер ситуација. Корнерот од лево ја намести топката на главата на Матиќ кој прекрасно шутира но Мусиани бравурозно спасува водство на гостите.
Автогол на домаќинот за пресврт
Во самиот финиш на мечот, Вардар успеа да дојде до комплетен пресврт односно да дојде до посакуваните 1:2. Акцијата ја однесе топката на левата страна, а таму Кастањеда убаво се намести и центрираше во срцето на шеснаесетникот. Таму Омерагиќ највисоко скокна, се обиде да ја зафати топката, но само за да го измами зад него Кастенада. Овој со лева нога ја зафати топката, која замина накај голот, а Мусиани со рака само го потврди погодокот на Вардар.
Јанкулов возвраќа со иста мера
Кога се очекуваше последниот свиреж на судијата се случи она кое што Вардар најмалку го посакуваше. На една нафрлена топка, Јанкулов лошо реагираше и си постигна автогол за конечни 2:2.
Прво квалификациско коло Лига на Конференции
Прв натпревар:
Вардар – Ла Фиорита 3:0
Конечни: 2:5
Ла Фиорита – Вардар 2:2 (1:0)
Стадион во Сан Марино
Гледачи: 500
Ла Фиорита: Мусиани, Закариа, Друди, Цицарели, Балдинини, Виван, Грандони, Заферани, Рикарди, Виваква
Вардар: Талески, Маневски, Мишковски, Матиќ, Јанкулов, Донгмо (Мато 46‘), Босанчиќ (Дурански 73), Тодоровски (Кастањеда 46‘), Закариќ (Данев 46‘), Омерагиќ, Олаосебикан