Машката репрезентација попладнево во Маврово ги започна подготовките за евро-квалификациските дуели со Грција и Грузија следниот месец за пласман на ЕуроВолеј 2026. Со репрезентацијата одново е средниот блокер Филип Маџунков, кој по подолга пауза и санација на проблемите со колената, комплетно се враќа во тренажен и натпреварувачки процес.
Позитивно расположен и нетрпелив да се приклучи на тимот, тој се појави во хотелот „Спорт“ во Маврово.
„Се чувствувам одлично, по поголема пауза, ако ја сметам и првата операција. Се мина во најдобар ред, рехабилитацијата трае уште и верувам дека овие десетдневни подготовки во Маврово ќе ми користат за што побрзо да се вратам во потребната форма“, оптимист е Филип Маџунков.
Подготовките во Маврово ќе бидат надоградени со пријателски дуели со Бугарија во Софија, како и со настап на меморијалот „Чајка“ во Скопје против Бугарија и Швајцарија.
„Многу ми се потребни натпревари, немам играно цел натпревар со месеци и ми недостасува да сум на терен, да се борам за екипата и за Македонија, и да го почувствувам духот на тимот. Мислам дека подготвителните дуели ќе ми бидат добро загревање пред официјалните натпревари. Имаме и добри противници – Бугарија и Швајцарија, против кои сигурен сум дека ќе има и добра одбојка.“
Фокусот е на првиот противник во квалификациите – Грција, против која и треба да го потврдиме местото на континенталниот собир.
„Грција е главниот предизвик во престојните два натпревари. Во првиот квалификациски меч во Скопје загубивме со 3:1, минатиот месец во Европската лига исто така загубивме 3:0. Но, верувам дека може да ги изненадиме во Атина. Двете победи против нас, како и фактот дека 90 посто се веќе пласирани на ЕП прави да гледаат аутсајдери во нас. За нас, пак, значењето на натпреварот, како и фактот дека играме во Атина дава дополнителна инспирација. Верувам дека може да победиме, а ако не победиме, барем да дојдеме до бод, кој ќе значи и пласман на ЕП. С’ршта на оваа репрезентација е иста, заедно сме веќе десет години. Младите се додадена вредност и носат нова енергија и верувам дека сите заедно, сплотени можеме со пласман на ново ЕП, четврто во низа да потврдиме дека репрезентацијата има светла иднина“ – потенцира Маџунков.