Селекторот Јошко Миленкоски попладнево ја собра репрезентацијата во Маврово каде со првиот тренинг вечерва и официјално стартуваат подготовките за евро-квалификацискиот двомеч со Грција и Грузија за пласман на ЕП 2026.
Стратегот се потпира на веќе проверени сили, истите оние кои беа дел од Европската Златна лига минатиот месец, за кои верува дека се вистинските и за да се оствари ново учество на еден континентален собир, четврти за Македонија во низа.
„Одморот беше краток, можеше да биде уште пократок, но моравме да оставиме малку простор на играчите да здивнат по напорниот настап во Европската лига. Во првата летна акција имавме добар резултат. Од една страна Европската лига ни беше важна како подготовка за квалификациските средби, но истовремено успеавме да останеме и во „златното“ друштво. Од големо значење е што го задржавме статусот и што и следната година ќе се натпреваруваме во Златната лига. Сега го почнуваме оној поважниот дел, каде е потребно да се задржи континуитетот на настапи на континенталните натпреварувања. Нема да биде нималку лесно! Она што се испушти во претходната рунда на натпревари мора да се надомести сега во Атина, на гости кај Грција. Потоа мечот со Грузија во Скопје треба да биде круна и да ни овозможи пласман на ново ЕП“, вели селекторот Јошко Миленкоски и додава: „Грција е во фокусот, но не зависиме сами од себе. Форматот е таков, такви се квалификациите, па не зависиме сами од себе, туку мора да се надеваме дека и во другите групи резултатите ќе ни одговараат. Во сите групи ќе биде слична борбата за место на ЕвроВолеј. Нема да имаме долги подготовки, но ќе бидат интензивни како и секогаш, како и во претходниот циклус. Верувам дека добро ќе се подготвиме за уште повеќе да го кренеме нивото. Пријателски двомеч со Бугарија, а потоа турнирот Чајка, кој ќе биде финална контрола преку дуелите со Бугарија и Швајцарија. Реков, ќе биде кратко, но напорно и мора да мислиме позитивно. Имаме јасна цел – пласман на ЕП, тоа треба да не води и да ни биде мотив на секој тренинг, секој натпревар, а особено за на првиот против Грција.“