Магдевски: Нема да се предадеме, очекувам да бидеме потценети – тоа ќе биде нашата шанса!

93

Андреј Магдевски е еден од оние стандардни кошаркари во македонската репрезентација низ годините. Овој пат тој ќе има поголема одговорност, во следниот период ќе треба да го пренесе своето искуство на младите соиграчи за претстојните мечеви од претквалификациите за СП 2027.

Тој е од првиот ден со националниот тим, одговори на повикот на селекторот, Марјан Илиевски. Репрезентацијата е во Гевгелија, а по неколку одработени тренинзи, Магдевски ги пренесе импресиите.

„За овие неколку дена од подготовките, имам само пофални зборови за сите момци, сите ги слушаат тренерите и тренираат со висок интензитет, имаат желба и мотивација за напредок и за докажување.

Атмосферата во екипата е на едно завидно и природно ниво, полека се запознаваме подобро и се надевам дека сето тоа ќе го пренесеме заедно на терен.

Најважно е да останеме здрави до официјалните натпревари, да се обидеме да се спремиме што подобро во овој краток временски период“, ни изјави Магдевски.

Во претквалификациите Македонија ќе се соочи со Романија и Унгарија. Иако беше многу одамна неговото деби во „црвено-жолтиот“ дрес, сепак не се заборава, па Магдевски точно знаеш што ќе биде важно за помладите кошаркари за овие натпревари.

„Мојот совет би бил да продолжат во исто темпо, па дури и за нијанса појако. На претстојните натпревари мора да се опуштат, да уживаат и да го дадат својот максимум за овој дрес“.

Никој во тимот нема да се предаде, противниците на Македонија гледаат како аутсајдер, па токму тука е нивната шанса.

„Треба да им помогнеме на помладите да се вклопат што побрзо и да се борат за секоја топка. Нема да се предадеме во ниту еден случај, иако не сме фаворити, очекувам да бидеме потценети и тоа би била шанса да ја искористиме во наша корист“, додаде Магевски.

ПретходноЕХФ Европска лига: Вардар против Кристијанштад, Тулуз…, Алкалоид ако ги мине Хановер, во група со Фредериција, Татран…
СледноПромоција: Струга ТЛ се пофали со дефанзивец од Грција! (ФОТО)