Дека спортскиот комплекс „НБ Ноел“ во Негорски бањи нуди максимални услови за да биде база на еден национален тим на Македонија, денеска имаше прилика да се увери во тоа и Министерот за спорт во Владата на Р. Македонија, Борко Ристовски.
На покана на претседателот на Македонската кошаркарска федерација, Томе Главчев, Ристовски го посети и попладневниот тренинг на машката сениорска репрезентација на Македонија, која во Гевгелија ги реализира оној главен сегмент од подготовките за настап во втората фаза од претквалификациите за Светскиот Куп 2027 година.
Ристовски им посака многу среќа и успех во работата на нашите репрезентативци, за она што ги чека во текот на август.
Освен тоа, Министерот Борко Ристовски, заедно со претседателот на нашата федерација Томе Главчев, имаше прилика и да се запознае со сето она што го нуди спортскиот комплекс „НБ Ноел“ во Негорски бањи, кој е „домаќин“ на нашите најдобри кошаркари.