Мајкл Антонио, легендарниот напаѓач на Вест Хем и репрезентативец на Јамајка, ја отвори душата за страшната сообраќајна несреќа која речиси го чинеше живот кон крајот на 2024 година. Во шокантна исповед, споделена во подкаст тој откри дека апсолутно ништо не се сеќава – ни на самата несреќа, ни на операцијата – и призна дека таа несреќа засекогаш го променила.
Антонио детално опиша дека, иако бил во несреќата, не ја доживеал свесно бидејќи не се сеќава на ништо.
„Не се сеќавам на сударот, на болницата, на операцијата, ниту пак на будењето по неа“, изјави 35-годишниот напаѓач, додавајќи дека неговото тело ја помни траумата, иако умот целосно ги избришал тие моменти.
Ударил со „Ферари“ во дрво
Несреќата се случила кога Антонио ја изгубил контролата над својот „Ферари“ и удрил во дрво. Поради сериозноста на повредите, итно бил префрлен со хеликоптер во болница, каде што лекарите му го спасиле животот по тешка фрактура на ногата. Поминал 22 дена во болница, а подоцна му било кажано дека имал неверојатна среќа што преживеал.
Сведоштвото на соседот кој прв му помогнал само ја потврдува драматичноста на ситуацијата – Антонио бил целосно дезориентиран и збунето повторувал прашања како: „Каде сум? Што се случува? Во кое сум возило?“
За време на операцијата му била вградена метална шипка во ногата, а пред него стоеле месеци напорна рехабилитација. И покрај тешките моменти, Антонио смета дека несреќата била и благослов, бидејќи му разјаснила многу работи и го направила порешителен. „Фудбалот е важен, но здравјето е поважно“, заклучи Антонио.
Се врати на фудбалот
Се врати на теренот пред еден месец. Влезе како замена на натпреварот меѓу Јамајка и Гватемала, пет минути пред крајот, на местото на Џонатан Расел, и беше пречекан со громогласен аплауз од публиката. Тоа беше неговиот прв натпревар по несреќата. Гватемала победи благодарение на голот на Оскар Сантис во првото полувреме, но за Антонио и неговите навивачи, враќањето на терен беше поважно од резултатот.