Фудбалскиот клуб Барселона објави дека враќањето на реновираниот стадион Камп Ноу, првично планирано за август, е одложено бидејќи сè уште не се исполнети сите потребни услови.
По две години работа и неколку одложувања, Барселона планираше да се врати на својот дом на 10 август, за натпреварот од трофејот Гампер, традиционалниот пријателски натпревар со кој се отвора сезоната. Сепак, тоа нема да се случи.
„Поради обемот на извршената работа, не беше можно да се исполнат сите барања од прописите што го регулираат издавањето на првата дозвола за користење на објектот, и покрај желбата на клубот делумно да го отвори Камп Ноу“, се вели во соопштението на Барселона, без да се прецизира нов датум на враќање.
Клубот додаде дека „работи во соработка со градските власти и надлежните организации за исполнување на сите потребни услови“ и најави дека навремено ќе ги информира навивачите за сите нови информации.
Според шпанскиот печат, годинашниот трофеј Гампер, на кој Барселона треба да го пречека италијанскиот тим Комо, чиј тренер е поранешниот играч на Барселона, Сеск Фабрегас, ќе се игра на стадионот „Јохан Кројф“, како дел од тренинг-центарот на клубот.
Првиот официјален натпревар на „Камп Ноу“ би можел да биде дуел против Валенсија во шпанското првенство, закажан за 13 или 14 септември, додека Барселона ќе ги игра првите три натпревари од сезоната на гостински терен.
За време на работите на „Камп Ноу“, Барселона ги играше своите домашни натпревари на Олимпискиот стадион Монжуик. Враќањето на реновираниот стадион беше планирано за ноември 2024 година, но рокот беше одложуван неколку пати.
Капацитетот на стадионот ќе биде привремено ограничен на околу 60.000 седишта, сè додека работите не бидат целосно завршени следното лето, кога капацитетот ќе ги достигне планираните 105.000 седишта. Вкупната вредност на проектот е околу 1,5 милијарди евра.