Во вторник (22 јули) на Арената “Тодор Проески“ во Скопје од 20 часот, Шкендија во првиот меч од 2.квалификациско коло во Лигата на Шампионите го пречекува ФЦСБ или по старо Стеауа.
Тоа е онаа славна Стеауа која во 1986 успеа во финалето во Купот на Шампионите во Севиља на пенали да ја победи Барселона и да стане првиот клуб од Источна Европа кој е европски првак.
Играше финале и во 1989 против Милан, но тогаш романскиот гигант беше поразен.
Стеауа е најголемиот клуб во Романија, 28-пати шампион на својата земја, фамозниот Џиџи Бекали долги години е “газда“, а кога сме кај традицијата на овој клуб со играње со наши клубови, билансот е ужасен за македонските тимови.
Секако дека мислиме на официјалните, европски мечеви. Романците имаат четири победи на сите четири средби.
Во 2001 година во квалификациите во 2.коло во ЛШ, Стеауа беше подобра од Слога Ј со вкупни 5:1 (3:0 и 2:1), а во 2013 исто во 2.квалификациско коло во ЛШ, Вардар беше поразен исто со 3:0 и 2:1 од романскиот гигант.
Да се надеваме дека Шкендија ќе ги “одмазди“ и Вардар и Слога Југомагнат (Шкупи).