Вардар ќе подели 100.000 евра премија за елиминација на Лозана

430

 

Освојувачот на Купот на Македонија и најтрофеен наш фудбалски колектив, екипата на Вардар е пред настап во второто коло од квалификациите за Лигата на Конференции. Во него се среќава со тимот на Лозана од Швајцарија, откако во прелиминарната фаза успешно беше минат тимот на Ла Фиорита од Сан Марино со вкупни 5:2.

Сега на ред е далеку поквалитетен противник. Петтиот тим во Швајцарија доаѓа во Скопје, а мечот е закажан за в четврток со почеток од 20:30 часот секако на Арената Тодор Проески.

Ова е голема шанса за Вардар да направи нешто големо ова лето, иако и самото освојување на Купот, излезот во Европа и минувањето на првото коло е успех сам по себе. Сепак, евентуалната елиминација на Лозана е нешто сосема друго, и во Вардар и тоа како добро го знаат.

Токму затоа, раководството на клубот одлучи како премија за евентуалниот успех против швајцарците да додели 100.000 евра. Ако на ова се доделат и оние веќе „заработени“ 50.000 евра за елиминацијата на Ла Фиорита, се стигнува до бројка од 150.000 евра.

„Управата на ФК Вардар АД ќе им додели на играчите премија од 100.000 евра, ако нашиот клуб го помине второто квалификациско коло во Лигата на конференциите на УЕФА, против швајцарскиот претставник Лозана.

Финансискиот стимул треба да биде дополнителен мотив за екипата, која подели 50.000 евра за успешното 1-во квалификациско коло. Швајцарскиот претставник, минатата сезона беше исто така 5-то пласиран во домашното првенство, кое има далеку повисок коефициент од нашето.

Првиот натпревар од двомечот се игра на 24-ти јули во Скопје, додека реваншот е закажан за 31-ви јули во Лозана“ – се вели во официјалното соопштение на ФК Вардар.

ПретходноШкендија ги дозна можните противници во ЛШ и ЛЕ: Црвена Звезда, Макаби, Ријека…
СледноБарселона го реши Рашфорд, но вистинска ѕвезда допрва доаѓа!