Иконскиот англиски играч Пол Гаскоњ е хоспитализиран откако беше пронајден во несвест во својот дом, јавуваат британските медиуми.
58-годишниот Гаскоњ се срушил во својот дом и веднаш бил однесен во болница, каде што се очекува да помине неколку дена.
Поранешната ѕвезда на Тотенхем, Њукасл и Лацио бил пронајден полусвесен од пријател во спалната соба на својот дом, откри „Сан“. Тој бил примен на интензивна нега, но сега е во стабилна состојба и се опоравува.
Неговиот пријател, Стив Фостер, кој го пронашол, даде кратка изјава во негово име:
„Гаскоњ би сакал да им се заблагодари на сите за поддршката што ја доби досега од толку многу стари пријатели кои му посакуваат добро и сакаат да го видат вратен во најдобра форма“.
Легендата на британскиот фудбал сега е „надвор од опасност“ и ќе продолжи со закрепнувањето во болница неколку дена. Фостер, кој е и возач и личен асистент на Гаскоњ, додаде: „Пол е на најдоброто можно место за него во моментов“.
Здравјето на Гаскоњ долго време предизвикуваше загриженост, по години борба со зависноста од алкохол и проблеми со менталното здравје. Порано оваа година, тој откри за „Мирор“ дека се чувствува подобро отколку со години.