Ѓурчиновски „го скрши мразот”: Прв медал за Македонија на ЕП во билијард

82

Андреј Ѓурчиновски (15) испиша историја со освојување на бронзен медал во категоријата „десетка” на Европското првенство во билијард за играчи до 17 години, кое се одржува во Подчетртек, Словенија.

Ова е четврт настап на Ѓурчиновски на големите континентални собири, при што тој минатите години остваруваше пласмани како делба на петтото место со пласман во четвртфинале. Согласно пропозициите, младинците играат во четири поединечни дисциплини, а некои земји се натпреваруваат и во екипна конкуренција.

До својот прв медал Андреј Ѓурчиновски стигна со пет победи во низа меѓу вкупно 77 пријавени играчи од триесет и две европски земји.

„Денот беше навистина долг, имав пет дуели и во нив успеав да остварам победи, па дури во полуфиналето почувствував замор. Сепак, бев сопрен на патот кон финалето од актуелниот првак Макс Бенко (Словенија) кој покажа дека е подобро подготвен во моментов. Среќен сум што ја оправдав довербата и што успеав да стигнам до медал со кој нашата земја може да се гордее“, вели 15-годишниот Ѓурчиновски.

За успехот на Андреј говореше и претседателот на македонската билијард федерација, Дејан Сипковски.

„Билијардот е еден од најбрзорастечките спортови и во Македонија се пренесе тој европски тренд, поради што квалитетот во државните првенства се подигна на мошне повисоко ниво. Минатогодишниот медал на Ѓорѓиоски во сениорска конкуренција и овој на Андреј Ѓурчиновски се показател за тоа. Тие резултати не се случајни бидејќи доаѓаат како резултат на секојдневни тренинзи, следење на конкуренцијата и континуирано унапредување. Андреј покажа врвна техника, но кога ќе има шанса со уште поголем континуитет да настапува против силни играчи, верувам дека ќе се изгради во играч што постојано ќе биде во конкуренција за медал. Искрено се надевам дека тој, но и Илија Димовски кој настапува во категоријата до 19 години, ќе постигнат уште некој успех до крајот на ова Европско првенство, во некоја од другите дисциплини“, сублимираше Дејан Сипковски, претседател на македонската билијард федерација.

Натпреварите на Европското првенство ќе траат до 22 јули, кога се игра последната дисциплина, популарно наречена „деветка”.

ПретходноДарко Велковски е пред трансфер во Железничар
СледноЗошто Сан Антонио не го сакаше Дурент?