Лазаров: Сезонава да направиме чекор напред

101

 

Екипата на РК Алкалоид ги почна подготовките за новата сезона. Ракометарите фаќаат ритам на тренирање во „Автокоманда“, има осум нови играчи кои му се приклучија на тимот, а впечатоците од актуелниот состав и очекувањата за следната сезона ги сподели нашиот тренер Кирил Лазаров.

„Целата стратегија, поставеноста на клубот е од година во година да се прави чекор напред“, вели Лазаров.

„Не сакаме тие чекори да бидат крупни, туку да одиме постепено и да го развиваме клубот. Јас како тренер сум среќен и горд што и оваа сезона останавме во истиот македонски концепт, во ростерот ќе имаме 23 играчи, од кои 21 ќе бидат македонски. Одлучивме да продолжиме по истиот пат, да даваме шанса на македонските играчи и да се биде поконкурентен како во Македонија, така и во европски рамки. Задоволен сум од во преодниот рок успеавме да донесеме нови играчи, во ростерот имаме осум нови имиња, потребно ќе ни биде време да се воиграме, затоа и малку порано стартуваме од сите останати суперлигаши.

Исто така улога играат и квалификациите за Европската лига на ЕХФ. Со новите играчи ќе работиме, за да се вклопат во системот кој го надградуваме. Позитивен и среќен сум и мислам дека како проаѓа време, ќе одиме чекор понапред. Урош Борзаш ја познава Македонија, се работи за играч со доста искуство со повеќе странски клубови, тој ќе биде додадена вредност во нашиот систем, додека Улфар Монси доаѓа од скандинавска школа, со искуство во Европската лига на ЕХФ. Тој е доста млад играч и верувам дека во нашиот тим и систем доста ќе се вклопи и ќе биде плус за нас во делот на транзицијата. “

– Планот на подготовките…

„Планот на подготовките е недела дена да сме во Скопје, потоа заминуваме за Маврово на висински подготовки. Потоа се враќаме пак во Скопје, па заминуваме на турнеја во Србија, Хрватска и Словенија каде се предвидени осум пријателски натпревари“

– Анализа на македонското првенство…

„Македонското првенство е специфично и многу тешко за играње и треба да знаете да го играте. Доста анализирав летово, правев компарации, се покажа дека во едно европско полуфинале ние даваме над 40 гола, а во македонско првенство се игра многу поспоро и не можеме да ја минеме границата од 25 гола и тука беше мојата најголема дилема.
Каде е грешката и каде би требало да се поправиме посебно во македонското првенство. Треба Европа да ни е репер, да се прилагодиме кон клубовите во европските купови, да бидеме со нив во чекор, ако сакаме да одиме напред и на клупски и на репрезентативен план, не само во сениори туку во сите категории и кај мажите и кај жените.

Оваа сезона во Македонија ќе има четири екстра-квалитетни екипи, но јас не би ги потценил и другите учесници во шампионатот. Почит и респект имам за сите. Тоа како клуб нас ни одговара, што е можно посилно првенството, толку поубаво. Самиот притисок и самото ривалство може да ни донесе само да растеме. Се надевам еден ден нема да бидат само четири, туку ќе станат осум силни тима, па ќе се натпреваруваме сите за успеси. Тоа би било одлично за македонските играчи. Форматот е таков што прави секој меч да биде како финале“

– За квалификациите во Европската лига на ЕХФ и ТСВ Хановер-Бургдорф…

„Ние како клуб одлучивме да излеземе од комфорната зона и да играме во Европската лига, по оној освоен ЕХФ Куп во кој има силни противници, тоа може да се види по листата и оваа година. Сакаме да одиме чекор понапред, прифативме ризик. Имавме малку незгодна ждрепка, добивме бундеслигаш. Успеав по ждрепката да изгледам неколку мечеви и увидов зошто во текот на Бундеслигата во поголемиот дел беа на првото место. Се работи за систем со екстра-квалитетен тренер, бивш селектор на репрезентацијата на Германија, на секое зошто има затоа. Ривалот е фаворит, но ние ќе се бориме и нема да се предадеме“

 

ПретходноИвановски: Вардар го спасува македонскиот клупски рејтинг!
СледноСРЕЌНИ ВЛТ ВЕСТИ: АВЗИ БЕЈТУЛА ОД ТЕТОВО СТАНА МИЛИОНЕР И ОСВОИ 1.437.674 ДЕНАРИ