Вечерва од 20 часот на Националната Арена “Тодор Проески“ во Скопје, во првиот дуел од 2.квалификациско коло во Лигата на Шампионите, Шкендија го пречекува ФЦСБ. Во Скопје гостува гигантот од Романија, тоа е таа Стеауа кој прва од Источна Европа стана европски првак во далечната 1986 година.
Гостува тимот кој досега на четири средби со македонски клубови има четири победи. Романците во Европа се сретнале со Шкупи и Вардар и лесно, со по вкупни 5:1 ги елиминирале.
Вечерва Шкендија во Европа ќе игра по 56-пат и ќе ја бара својата 20-та победа.
Јасно е кој е фаворит, тоа сите го знаеме, сите го кажуваат па и самите играчи на Шкендија и тренерот Јетон Беќири. ФЦСБ е силен тим, тука нема дилеми, но Шкендија сака и може, Шкендија како македонски шампион има свои адути. И тоа го знаеме.
Исто така е јасно дека без разлика на резултатот од вечерашниот дуел севкупниот победник од овој двомеч ќе се решана следната среда (30 јули) во Букурешт. И затоа е многу важно вечерва Шкендија да дојде до резултат кој ќе и дава надеж дека среде Букурешт ќе може да дојде до изненадување. А, може секако.
Тимот на Беќири е максимално подготвен. Противникот е доволно анализран, се знае што треба да се стори, ама тоа треба да се стори на теренот а не со зборови.
Инаку главната цел, минување на првото коло во ЛШ, Шкендија ја направи ова лето. По онаа вчерашна ждрепка за 3.коло во ЛШ и 3.коло во ЛЕ, јасно е дека тетовци имаат златна шанса да се најдат најмалку во групната или по ново, лигашка фаза во Лигата на Конференции. Што секако дека ќе биде фантастичен успех и за мак-фудбалот.
На крајот да и посакаме на Шкендија добар натпревар и секако добар резултат на вечерашниот меч со Стеауа или ФЦСБ, како сакате.