✍ Марија Ковачева
Стојанче Стоилов, легендата на Вардар после 14 години (13 како играч и една како помошен тренер) минати во редовите на “црвено-црните” ќе го напушти тимот за кого даде сè, дознава СпортСпорт.
Одлуката на првиот човек на Вардар, Михајло Михајловски да му даде предност на Иван Чупиќ на тренерското место пред едно име како што е Стоилов, ја прели чашата.
Неговата одлука е сосема логична и правилна.
Вардар на неискусен тренер му го довери тимот, и не само тоа туку и плати отштета од 30.000 евра, информација која ја открија Хрватите. Сето ова е еднакво на мизерија. (Не за Чупиќ, кого го почитуваме, туку за клубот)
Вардар не ја испочитува својата легенда, одлучи да гази преку неа и понатаму да ги третира странците како господа, а за македонските ракометари или тренери да се однесува далеку од професионално.
Да дојдеше поискусен тренер на местото на Чупиќ сигурно работите ќе беа поинакви, па Столе ќе растеше во тренерските води, за да еден ден ја превземе палката.
Вака Вардар во ерата на Михајло останува да биде запишан како тим кој оди против македонските интереси, тим кој оди против една легенда како што е Столе.
Свесни беа дека ќе го направат најлошиот потег со носењето на Чупиќ, немаа ни образ на прес-конференцијата да дадат соодветен одговор зошто Чупиќ пред Столе.
Единствениот одговор беше Столе е легенда.
Е да, легенда е. Нешто што сите знаеме, но само во Вардар не се свесни за тежината на реченицата *Столе е легенда*.
Како преку ноќ да заборавија колку сезони Стоилов го носеше дресот, гинеше за него, примаше удари, беше главниот мотор, го спојуваше невозможното со возможното, беше клучна алка во деновите на слава, но и во тешките денови на финансиска мизерија. Да, овој Столе се бореше и кога Вардар се давеше.
Стоилов ќе остане запишан во историјата не само на Вардар, туку и македонскиот ракомет, а ова раководство ќе има дамка која не може да ја избрише ниту Вениш (детергент за флеки).
Немаат почит кон човекот што подигна два пехари во Лигата на шампиони, бројни во Сеха лига и домашниот шампионат.
Велиме да го чуваме македонското богатство, во спортот Стоилов е еден од оние кои треба да се почитуваат. Вардар им даде лош пример на младите, испрати лоша порака во Европа, па и во светот.
На крајот не би додала и одземала ништо…
Останува во следните денови да стигне потврда од страна на самиот играч или Вардар.