Ракометарите на РК Алкалоид се повторно во тренажен процес по долгата и успешна сезона и краткиот одмор пред почетокот на новата. Ритамот на подготовките се засилува од ден во ден, а, првата фаза речиси до пола е одработена.
Екипата ќе биде во Скопје уште четири дена, а потоа заминува на Маврово каде што ќе се реализира главниот дел за физичката подготвеност.
За своите очекувања и амбиции за следната сезона свој коментар има десниот бек, Мартин Серафимов, ракометарот со најмногу настапи и најмногу постигнати голови во екипата. Во следната сезона ќе ја има истата улога.
Очекувања во новата сезона:
„Имавме напорна сезона, многу важни натпревари особено во финишот на сезоната. Одморивме, сега одново сме во погон. Веќе ни е позната процедурата, знаеме колку се важни подготовките и почнуваме сериозно уште од првиот тренинг. Имаме неколку нови ракометари кои ќе треба да се вклопат во системот, но сите сме овде и да си помогнеме меѓусебе и максимално професионално да ги одработиме подготовките.Имаме големи амбиции сезонава. Домашното првенство ќе биде посилно, се засилија неколку екипи, но Алкалоид е клуб што на секој натпревар игра на победа, без разлика на противникот и така ќе биде и сезонава. Ќе ги напаѓаме сите пехари, целта е секаде да сме конкурентни“.
Коментар за ЕХФ Европска лига:
„Добивме тежок противник во квалификациите, најтешкиот од сите екипи што беа во конкуренција. Позната екипа, познати играчи. Ќе мораме добро да се подготвиме. Хановер е фаворит, но нема да се предаваме, наше е да одиграме најдобро што можеме и знаеме и да се бориме до последниот момент“.