Ждрепката сакаше во 2.квалификациско коло во Лигата на Конференции, Вардар во двомеч да ги одмери силите против еден така силен состав како што е Лозана. За разлика од нашиот најтрофеен клуб, кој играше во првото коло во ова натпреварување, Лозана токму во Скопје ја почнува европската авантура.
Во пресрет на утрешниот меч со Вардар, стратегот на Лозаната Петер Цајдлер истакна:
„Се надевам дека ќе имаме добар меч утре. Во изминативе две недели го анализиравме Вардар. Знаеме дека имаме силен ривал против нас. Во Швајцарија има многу Македонци кои работат и живеат таму, па и во таа смисла овие две земји се поврзани“,
вели Цајдлер, кој додаде дека и покрај пеколните температури во Скопје, се е одлично организирано.
„Се е добро организирано. Ме импресионираше тоа што се е во црвено-жолта боја, во знакот на Македонија. Теренот е одлично подготвен и иако температурите се малку повисоки, условите се одлични. Не се чувствуваме како фаворити. Како на секој професионален меч, шансите се 50-50“, посочи стратегот на Лозана.