Српскиот репрезентативец Урош Борзаш е еден од новитетите во составот на РК Алкалоид за следната сезона. Бекот ќе биде додадена вредност во шутерската линија во новите предизвици, а веќе тренира со новите соиграчи и се подготвува за мечевите кои следат. Импресиите од почетокот во Автокоманда се позитивни, условите за работа се на ниво, а очекувањата и амбициите – секогаш највисоки.
„Убаво и добредојдено се чувствувам во Алкалоид, каде сите ме прифатија уште од стартот и сите сме заедно во оваа приказна. Мислам дека условите за работа од она што го гледам на почетокот се најдобрите во Македонија, спремни ги почнавме подготовките, па се надевам дека ќе биде се во најдобар ред и дека на секој меч ќе ја користиме наша шанса. Мора да работиме, да бидеме трпеливи, а резултатот ќе ни дојде“
Македонскиот шампионат ќе биде голем предизвик…
„Нашите цели се високи. Македонската лига никогаш не била посилна, четири екипи се силни и очекувам интересна сезона. Но, истовремено е и долга, затоа не би сакал да давам никакви прогнози предвреме. Ние со тимот треба да го одиграме нашето на секој меч, да ги следиме насоките на тренерот Лазаров и да бидеме се подобри од натпревар во натпревар.“
На патот кон групната фаза во Европската лига на ЕХФ ни стои бундеслигаш…
„И во Европа ја имаме нашата шанса, иако ждрепката не беше најповолна. Од она што го увидов, Алкалоид е добра екипа, посебно кога игра на домашен терен. Првиот меч со бундеслигашот Хановер треба да го одиграме перфектно и без грешки, да ја користиме секоја можност за гол, да ги сведеме техничките грешки и загубените топки на минимум, а потоа дома да играме за прогрес во групната фаза на Европската лига на ЕХФ“