Доста навивачите на Вардар си ја споменуваат групната фаза од Лигата на Европа обезбедена во 2017.година како најдоброто што на „црвено – црниот“ тим му се случило надвор од границите на Македонија. Време е тие да се израдуваат на нов, голем европски успех на нивниот омилен клуб. За тоа имаат шанса веќе вечерва, кога на Арената Тодор Проески од 20:30 часот Вардар го игра првиот меч од второто квалификациско коло од Лигата на Конференции, против тимот на Лозана од Швајцарија.
Седлоски знае како на меѓународна сцена со Вардар
Вардар вечерва оди по нова победа на меѓународна сцена. Тоа не се случувало често низ годините, но сепак, знаел Вардар да направи европски подвиг. Со тренерот Гоце Седлоски на чело, Вардар има три победи две нерешени и три порази во Европа, што ќе рече дека билансот е позитивен.
Вечерашниот противник не е лесен, ниту наивен, но каков и да е Вардар мора да го даде својот максимум во оваа топла, скопска јулска вечер.
Со Закариќ или без мора да се оди на гол повеќе
Една од дилемите пред стартот на мечот вечерва, е дали за Вардар ќе настапи капитенот Горан Закариќ. Тој е повреден, се прават напори за да се оспособи тој за игра, и енигмата ќе биде активна се до 20:30. Конечно, и да не биде вардаровата „десетка“ подготвена за настап вечерва тоа не го менува ништо.
Вардар мора да оди на гол повеќе и да обезбеди поволен резултат пред реваншот за една недела во Лозана.
Победникот од овој двомеч во следната фаза во квалификациите во ЛК ќе игра против победникот од двомечот Зимбру (Молдавија) – Астана (Казахстан).