Огнен Чак Дојчиновски
Тимот на Вардар синоќа и тоа како покажа дека е веќе на едно сосема друго ниво од пред само неколку месеци. Ниво кое изненади многумина, дури можеби и дел од „црвено – црниот“ табор.
Вардар синоќа одигра речиси перфектен меч. Од сите аспекти на фудбалската игра. Вардар синоќа едноставно ја надигра Лозана. И не треба да се биде фудбалски експерт за да се долови тоа.
Целиот тим одигра на високо ниво… (освен оние кобни десет стартни минути од вториот дел). Се останато беше за „десетка“. Почнувајќи од голманот Талески кој спасуваше зицери кога беше најпотребно, до капитенот Омерагиќ кој погоди кога беше најпотребно… за второ водство и конечна победа.
Да… Омерагиќ…. скопското дете…. детето на Вардар. Азер е дете на Вардар. Ги мина сите скалила од младинската школа. Игралиштето во Парк е неговиот втор дом. Години мина таму, а оние кои го следат Вардар знаеја за него одамна. За детето од Чаир кое има страшно чувство за гол, кое се бори со сите сили за секоја топка, и кое не попушта на никого. Е таков беше Азер како дете. И стигна во тој исти, црвено – црн дрес да биде капитен и да го води Вардар, неговиот Вардар како лидер во европски битки. И тоа оние победничките.
Погоди и против Ла Фиорита, кога беше најпотребно на 0:0, погоди и вчера против Лозана, кога беше најпотребно. За победа. Поита кон навивачите, ги поздрави и го прослави заеднички голот.
Така тоа го прават скопските, вардаровите деца. Оние кои добро знаат што значи „црвено – црниот“ дрес, лентата на рамо, и товарот кои истите го носат. Вардар или го носиш во себе или ќе бидеш само уште еден лик кој минал низ неговите соблекувални.