Марко Кизиќ ќе биде еден од тројцата голмани кои ќе го носат дресот на РК Алкалоид во новата сезона. Македонскиот репрезентативец кој ќе ја дели минутажата со Иван Галевски и Ѓорѓи Николовски кажа дека овие подготовки кои следат во Скопје и во Маврово се најважни за стартот на сезоната и за предизвиците кои доаѓаат.
За подготовките и очекувањата…
„Ги стартувавме подготовките добро, работиме во силно темпо, со цел да бидеме добро подготвени. Имаме доста нови засилувања оваа сезона кои треба да се вклопат, ќе бидеме една нова екипа, а како ќе изгледа тимот на терен ќе видиме на мечевите. Уште е рано да се говори за тоа кој е фаворит во лигата и да се споредуваме со некого, ние знаеме дека ги имаме нашите шанси, па така ќе одиме на сите мечеви да победиме“
За настапот во Европската лига на ЕХФ и двомечот со Хановер…
„По оној голем и важен трофеј кој го освоивме во Европскиот Куп на ЕХФ одиме скалило погоре, ќе играме во Европската лига на ЕХФ, таму ни следи двомеч со Хановер од Бундеслигата. Добро го познаваме ривалот, не треба да трошиме многу зборови за него и ние си се подготвуваме за тој меч. Имаме свои шанси кои ќе гледаме да ги искористиме.
За голманската конкуренција во тимот…
„Здравата конкуренција секогаш е добра за напредокот. Еден голман сам не може да ја издржи цела сезона, па така добро е што имаме квалитетни голмани, ќе се покриваме еден со друг и се надевам на победи“