Магдевски е новиот капитен на сениорите: Чест ми е што ќе го заменам Војдан

86

Андреј Магдевски е новиот капитен на сениорската репрезентација на Маакедонија, одлучи селекторот Марјан Илиевски. Тој доаѓа на местото на Војдан Стојановски, кој во овие претквалификации не може да му помогне на тимот.

Еден од најискусните играчи кои во овој момент ги има селекторот на располагање, ја доби довербата да го предводи нашиот сениорски национален тим низ подготовките, и оние мечеви од претквалификациите за Светскиот Куп 2027 година, против селекциите на Романија и на Унгарија.

„За мене е голема чест што ќе го заменам Војдан ова лето. Но, секако со ‘капитенската лента’ доаѓа и поголема одговорност на теренот, како и во соблекувалната. Ќе се обидам атмосферата во екипата да остане како што била и до сега, и на теренот сите да продолжиме да играме за тимот и да гинеме за секоја топка“ – вели Магдевски.

Првата прилика да истрча прв на теренот како предводник на сениорскиот национален тим ќе ја има вечерва во Гевгелија, каде од 19.часот, Македонија ќе го има првиот од двата предвидени контролни натпревари за време на подготовките. Во спортскиот комплекс „НБ Ноел“ во Негорски бањи ќе гостува селекцијата на Швајцарија.

„За сега подготовките одат во добра насока. Условите за тренинг во Негорски бањи и во Гевгелија се на едно високо ниво. Моментално фокусот е повеќе ставен на физичката спрема и кондиција.

Овие два дена нè очекуваат контролни натпревари против репрезентацијата на Швајцарија која е долго време заедно, и се надевам дека ќе покажеме дел од сработеното овие десетина дена кои се зад нас.

По неколку ФИБА ‘прозорци’, Џејкоб Вајли е повторно дел од репрезентацијата, играч кој доаѓа со голема желба и мотивација да игра за овој дрес и ќе се потруди неговото искуство да го пренесе на оваа подмладена репрезентација“– смета новиот капитен на најдобрата селекција на Македонија.

ПретходноВардаровото дете што знае што значи „црвено-црниот“ дрес
СледноСедлоски со четврта европска победа на контото со Вардар