ФИФА ја казни Српската фудбалска федерација (ФСС) со делумно затворање на стадионот за натпреварот против Англија во квалификациите за Светското првенство во 2026 година и парична казна од 50.000 швајцарски франци за расистичко однесување на навивачите.
ФСС беше казнета за расистички навреди и дискриминација, како и за несоодветни пораки и гестови за време на натпреварот против Андора, се вели во соопштението на ФИФА.
„Фудбалската федерација на Србија уште еднаш апелира до навивачите да запомнат дека ФСС е под посебен надзор на дисциплинските тела на ФИФА и УЕФА и дека постои нулта толеранција за кршење на прописите и законите“, се вели во објавата на X.
Србија беше казнета и со делумно затворање на стадионот од страна на УЕФА минатата година поради однесување на навивачите за време на Лигата на нации.
ФСС потсети дека во последните пет години Федерацијата платила 703.375 евра казни за инциденти на трибините. Натпреварот помеѓу Србија и Англија е закажан за 9 септември во Белград.