Машката јуниорска репрезентација на Македонија е единствената од нашите национални тимови кои ова лето се дел од елитната конкуренција, онаа од Европското првенство од Дивизијата „А“ во Белград, кое ќе се одвива во периодот од 26.јули до 3.август.
Нашите јуниори се дел од групата „Ц“, заедно со репрезентации-великани, како Литванија, Грција, како и домаќинот на овој собир, селекцијата на Србија. Па примарна цел ќе биде да се дојде до опстанокот во ова ТОП 16 друштво.
Првиот меч нашата селекција го игра денеска (16 часот) против Литванија.
Селекторот Горан Андреевски прво говори за она што беше досега сработено…
„Подготовките беа успешно завршени. Се трудевме, најреално, да ги избереме дванаесеттемина. Условите за тренинг ни беа одлични. Голема сала во Спортскиот центар ‘Борис Трајковски’, како и фитнес-центарот. Одигравме пет пријателски натпревари, а единствен проблем беше тоа што четири од нив, беа со екипи од „Б“ дивизијата, и на тој начин немаме јасна претстава на кое ниво ни е екипата во споредба со оние од ‘А’ дивизијата.
Играчите кондициски се максимално спремни, трчаат феноменално во одбрана и транзиција во напад. Физичката подготвеност е на многу ниско ниво што би ни преставувало сериозен проблем.
Ослабени сме за Лука Марјановиќ, нашиот прв плејмејкер на екипата, како и пропуштањето на можноста Бутемер да добие македонски пасош каде за седум дена, како временски простор, ја загубивме таа можност. Со него екипата би имала друг лик, и би била многу посериозен противник“.
И покрај извесните хендикепи со кои се соочија за време на подготовките, Андреевски не сака да подигне „бело знаме“ во знак на предавање, напротив…
„И покрај тоа што сме свесни за нашите слабости, ние не одиме на Европското првенство со кренато бело знаме, ниту да се прошетаме во Белград. Одиме максимално мотивирани во секој натпревар, со цел да пружаме квалитетни партии и да бидеме рамноправен противник со сите.
Тука не сме да се предаваме предвреме како во минатото. Напротив, размислуваме за победа на секој натпревар. Ќе се бориме за сигурен опстанок и што подобар пласман. И покрај тоа што имаме најмлада репрезентација на првенството, во која дури осум играчи се 2008 годиште, ќе се обидеме со добра игра, да ги натераме противниците да нè респектираат како што ние ги респектираме“.