Ракометниот клуб на Алкалоид веќе неколку дена како макотрпно работи со една единствена цел. Што подобра подготовка на физички, и секаков друг план за претстојната сезона како во домашниот шампионат така и во Европа.
Тренерот Кирил Лазаров секојдневно ја спроведува агендата на терен, а младите момци од Алкалоид безпрекорно истата ја апсорбираат.
Марко Митев, играчот кој за кратко време ја освои ракометна Македонија со својата пожртвуваност, бескомпромисност и неспорен квалитет, новата сезона ја почнува со тренинзи дизајнирани за побрза рехабилитација и враќање на терен кое се очекува во есенскиот дел од сезоната.
За текот на подготовките…
„Во тек се подготовките за новата сезона. Секој од нас посветено работи и се подготвува за претстојната сезона. Условите за работа во РК Алкалоид, како и до сега, се врвни, исклучително професионални и се на највисоко ниво.
За тоа зборуваат и досегашните резултати и постигнувања на екипата. Стручниот тим ни е максимално посветен. Заеднички и напорно работиме сите, а секој со својот ангажман и квалитет придонесува екипата да биде максимално спремна за сезоната што ни претстои“. – вели младиот играч на Алкалоид и македонски репрезентативец.
За предизвиците…
„Ќе застанеме цврсто подготвени пред сите предизвици што нѐ очекуваат во новата сезона. Во тимот има одлична хемија и сплотеност, посветени сме на тренинзите и се надополнуваме еден со друг. Очекувам дека и новите играчи многу лесно ќе се вклопат во тимот и верувам дека ќе бидат одлично надополнување на сѐ она кое што можеби недостигаше изминативе сезони. Поддршката од тимот веќе ја имаат. – дополнува Митев.
Очекувањата од новата сезона…
„Очекувам високи резултати бидејќи кога постои поддршка, надополнување и кога сите придонесуваат максимално, а квалитетот што го поседуваат го вложуваат несебично на терен за екипата, успехот е неминовен. Фокусот и максималните индивидуални вложувања во единствената и заедничка цел на екипата ќе и донесат високи резултати и исклучителни успеси. – поентира младиот пулен на тимот на Алкалоид.