Горан Андреевски: Како селектор нема да барам никакви оправдувања за лошата игра

126

Македонските кошаркарски јуниори на стартот на Европското првенство за кошаркари „Под 18“ години против селекцијата на Литванија вчера доживеаа тежок пораз. Конечниот резултат гласи  137-62, а единствената добра работа во оваа ситуација е фактот што ова е само прв меч за нашите момци и има простор играта и ситуацијата воопшто да се поправи.

Селекторот Горан Андреевски смета дека Литванија е еден од главните фаворити за златниот медал на турнирот кој што инаку се игра во Србија.

„Очекувањата беа да прикажеме максимална борбеност во одбраната. Не можам да кажам дека играчите не пробаа да дадат максимум. Едноставно Литванците беа многу поквалитетен противник. Факт е дека сме во една од најтешките групи, во која, Србија и Литванија се претенденти за титулата на првенството“.

Селекторот ги анализира сите оние лоши моменти во играта на нашата јуниорска репрезентација:

„Многу потфрливме под кошевите и во рекетот. Литванците нè натскокаа, имаа 40 скока повеке од нас, од кои преку дваесет беа офанзивни. Поинаку кажано, 60 поени им беа од рекет. Следствено на нивната доминација под кошевите, каде моравме да удвојуваме, лесно правеја ‘висок играч’, а и лесно асистираа, имаа дури 40 асистенции“.

Свесен е Андреевски дека еден ваков пораз, уште во почетната фаза на шампионат е нешто што може да се надополни, и ја преземе на себе вината за лошото издание на тимот во белградската Арена:

„Како селектор  нема да барам никакви оправдувања за лошата игра. Во целост ја прифаќам одговорноста за денешниот пораз. Меѓутоа, ова е почеток на првенството, и до крајот се надевам ќе ги анулираме сите недостатоци, и дека ќе ја оствариме примарната цел“ – порачува селекторот на нашиот јуниорски национален тим.

Шанса за поправен е наредниот меч, оној против селекцијата на Грција (загуби во првото коло од Србија), закажан за 13.30 часот. .

 

ПретходноБраво Андреас: Трајковски со бронза на Балканијадата во Волос!(ФОТО)
СледноЈунајтед добитен на првиот меч од летната серија во САД (ВИДЕО)