Менаџерот на Манчестер Јунајтед, Рубен Аморим, изјави дека е од витално значење играчот од средниот ред Бруно Фернандес да остане во клубот ова лето.
„Тој е наш лидер, тоа е навистина важно. Не само на теренот, туку и надвор од него. Тој дава пример со својот живот. Работи навистина напорно. Секогаш е достапен. Понекогаш игра со болка. Проблемот е што понекогаш се фрустрира, а понекогаш губи малку концентрација во работата. Понекогаш сака да им помогне на своите соиграчи толку многу што носи погрешна одлука или не е на вистинското место. Бруно мора да чека топка во различни ситуации. Во тие ситуации тој е лидер, но сега со доаѓањето на играчи како Матеус Куња, тој ја има потребната помош“, рече Аморим по пријателската победа од 2-1 над Вест Хем.
Фернандеш ги постигна двата гола на Манчестер Јунајтед на натпреварот. Тој има 19 погодоци и 19 асистенции во 57 настапи за Манчестер Јунајтед во сите натпреварувања во текот на сезоната 2024/25. Неговиот договор со клубот важи до 30 јуни 2027 година. Бруно е во Манчестер Јунајтед од јануари 2020 година.