Одбојкарките со порака: “Секој добар натпревар е поголем мотив за нас“

64
ФОТО: Odbojkarska federacija na Makedonija

По една седмица мината во Маврово женската сениорска репрезентација на Македонија од денеска е во Скопје, каде ќе ги продолжи подготовките за евро-квалификациските дуели со Грција и Австрија на почетокот на следниот месец.

Оптимизмот, како и желбата за работа и докажување со која влегоа во оваа репрезентативна акција дамите и натаму е на високо ниво. Најважното е дека се сите на број, се тренира без проблеми и се темпира формата со која ќе се излезе на мегдан со фаворитите.

За нас е најважно што сме заедно, имаме убава атмосфера за работа и одлична хемија во тимот. Свесни сме за тоа како стоиме резултатски во пресрет на овие два натпревари и затоа сме решени да играме за нас. Секој добар натпревар е поголем мотив за нас и надеж дека следната акција ќе биде уште поуспешна. Играме за нас и ќе се потрудиме барем на мечот пред домашната публика да понудиме што е можно подобра игра“, вели средниот блокер Ива Стојкоска.

Сличен став има и интернационалката Ана Фасулева.

Фокусирано и со мирна глава треба да размислуваме формата да биде на се повисоко ниво во секоја акција. Нашата игра, но истовремено и ментално, физички и тимски! Верувам дека ќе го покажеме тоа и ќе се обидеме да се избориме не само за еден или два сета, туку и да се надминеме самите себе си и да изненадиме. Далеку е да се мисли, но доколку овие два натпревари ги одиграме на посакуваното ниво, верувам дека тоа ќе ни донесе еуфорија и одлична атмосфера за следниот циклус. Но, не летаме, прво и најважно за нас е на престојните два натпревари да одиграме најдобро што можеме, а резултатот ќе дојде сам по себе“, заклучува Фасулева, која беше една од лидерите на тимот во настапот во Европската Сребрена лига.

Македонија првиот натпревар од оваа фаза од квалификациите за ЕП 2026 го игра на 3 август од 20 часот во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје, кога ја пречекува Грција. На 9 август нашите одбојкарки гостуваат на Австрија, за крај на циклусот. Девојките првите два натпревари со овие противници ги загубија со по 3:0 и останаа без шанси за пласман на континенталниот собир следната година.

ПретходноШкендија пристигна во Букурешт, шок во Романија по казната за Танасе од страна на УЕФА! (ФОТО)
СледноМакедонскиот судија кој беше нападнат: Можев да возвратам, ама ќе бев суспендиран!