Од денеска РК Вардар 1961 и официјално ги стартуваше подготовките за новата сезона. Иако ракометарите на некогашниот европски првак веќе неколку дена тренираат, сепак новиот стратег Иван Чупиќ денеска означи официјален старт на истите.
Некогашниот хрватски ракометар, играчка легенда на РК Вардар, на стартот на подготивките вели дека неговиот тим има високи амбиции за следната 2025/26 сезона:
„Вардар има големи амбиции, како и секогаш. Сега со нови играчи и со новиот стручен штаб изгледаме како многу подобра екипа од минатата сезона. Почнуваме со тренинзи, се запознавме и полека чекор по чекор ќе напредуваме. Не ги криеме амбициите и во домашното првенство и во Европа. Квалитетот кој го имаме е многу важен, но за мене сите играчи се нови. Тешка задача е пред нас, но ништо лесно не доаѓа во животот. Многу сум задоволен од стручниот штаб и со целата екипа и сите амбиции кои сами себе ги поставуваме, можеме да ги оствариме. Амбициозни сме и верувам дека околу 1 јуни 2026 година ќе се радуваме.
Разговарав со моите соработници и со сите играчи во екипата и општ е ставот дека Вардар е голем клуб и пред нас е маратон. Ништо не се одлучува за еден месец и до јуни следната година сите сме на проба дали сме на нивото на Вардар или не. Ракометарите ги минаа медицинските тестови, тестовите на снага и трчање и сите сакаат да се докажат во овој дрес“, рече Чупиќ.