Митревски: Посакуваме полни трибини против Романија!

190
Фото: КФСМ

Машката сениорска репрезентација на Македонија продолжи со подоготовките за настапите во втората фаза од претквалификациите за пласман на Светскиот Куп 2027 година во Катар.

По десет дена работа во Гевгелија, односно во спортскиот комплекс „НБ Ноел“ во Негорски бањи, сениорите се вратија во Скопје.

Согласно со плановите на стручниот тим, предводен од селекторот Марјан Илиевски, во Скопје ќе бидат одработени уште неколку тренинзи.

Андреј Митревски имаше одлични минути на двете пријателски средби со селекцијата на Швајцарија одиграни минатиот викенд во Негорски Бањи:

„Подготовките течат одлично, победите над Швајцарија ни дадоа дополнителна сигурност. Бевме во Гевгелија од 17 јули, и навистина работиме интензивно, и физички и тактички. Атмосферата во тимот е супер, сите сме фокусирани на заедничката цел – да се подготвиме максимално за претквалификациите за Светското првенство. Одигравме два пријателски натпревари со Швајцарија и двата натпревари ги победивме, што ни даде голема самодоверба, но и добра слика каде сме моментално.

Секој дава максимум, без разлика дали се игра или се тренира. Ни преостана нешто помалку од една недела за да се спремиме и да дадеме максимум на натпреварите што следат против селекциите на Романија и Унгарија.

Во сабота нè очекува првата средба против репрезентацијата на Романија во Куманово каде очекуваме да имаме голема подршка од трибините. Како подмладена репрезентација, знаеме колкава е одговорноста, па затоа сме максимално ангажирани за постигнување на добар резултат“ – смета младиот бек во нашиот национален тим.

На 30.јули (среда) во попладневните часови, планирано е заминувањето во Куманово, каде ќе бидат реализирани завршните тренинзи од подготовките пред натпреварот против селекцијата на Романија кој е закажан за 2.август (сабота) од 20.часот.

ПретходноСРЕЌНИ ВЛТ ВЕСТИ: МИЦЕ АНЃЕЛКОСКИ ОД МАКЕДОНСКИ БРОД Е НОВ МИЛИОНЕР, ОСВОИ 1.475.310 ДЕНАРИ
СледноНишто од Вардар, Карачиќ одбра клуб