Со убедлива победа и три загубени гема македонскиот тенисер Калин Ивановски (осми носител) го стартуваше ИТФ турнирот М15 Куршумлијска Бања. Тој за 70 минути игра го победи Фрејзлер Ренгифо од Колумбија со 2-0 во сетови (62 61).
Ивановски имаше одличен старт на мечот и водство во првиот сет од 4:0 во гемови, за првиот сет да го заврши со 6:2. Во вториот сет македонскиот тенисер успеа да поведе со 3:0, а потоа ривалот го освои единствениот гем во вториот сет, кој заврши со 6:1 во гемови.
Во следната рунда Ивановски ќе игра со победникот од мечот Сирил Пилонел од Швајцарија и Ѓорѓе Спасиќ од Србија.
На турнирот во првото коло денеска беше елиминиран македонскиот тенисер Горазд Србљак, кој претходно имаше три победи во квалификациите.