Од Лозана, Швајцарија за Спортспорт, Огнен Чак Дојчиновски
На само неколку часа од почетокот на реванш дуелот од второто квалификациско коло од Лигата на Конференции помеѓу Вардар и Лозана во Швајцарија атмосферата во таборот на „црвено – црните“ е и повеќе од позитивна. Вардар овде пристигна со намера да го елиминира, „докусури“ што се вели противникот, да ја доврши задачата која ја започна во Скопје, со победата од 2:1.
Вардар знае што сака, и зошто е дојден тука. На вчерашната прес конференција тренерот Гоце Седлоски по којзнае кој пат истакна дека одиграно е само едно полувреме од новој двомеч и дека останува уште цел еден натпревар. Во кој Вардар повторно посакува поволен резултат овојпат конечен, кој што ќе го однесе во следната фаза.
Од друга страна пак, домаќинот очигледно дека ни оддалеку не се надевал на ваква ситуација. Да биде многу поблиску до елиминација отколку до следна фаза. Тоа е негов проблем. Како што е и проблем, опседнатоста со тоа дали и колку Вардар е подготвен за вештачката трева на стадионот во Лозана. Да, Вардар драги домаќини е подготвен за се. Вардар не стигна до тука затоа што не беше подготвен на се. И на дефанзивно ориентиран ривал, и на противници кои имаа аматерско ниво, и на илјадници километри оддалеченото Сан Марино. Вардар доволно пропати и издржа годиниве за да некаква вештачка трева среде Лозана го поколеба во намерата ова европско лето да го направи легендарно. И ќе биде. Со капитенот Закариќ во составот (како и во Скопје), уште едно прашање со кое што медиумите овде во Швајцарија се опседнати, Вардар не планира да застане тука…. туку да испише уште една светла страница од своето европско битисување, за кое ќе се зборува во годините кои следуваат. Да испише, природна, своја, автохтона историја… а не „вештачка“….