Голема штета, фалеше искуство: Македонија поразена од Романија (ФОТО)

98

Македонската кошаркарска репрезентација со порази ги отвори претквалификациите за СП 2027, откако во Куманово беше поразена од Романија со 72-80. Оваа нова Македонија одигра борбено, неискуството го надополнуваше со пожртвуваност на теренот, баш исто како што беше најавено пред оваа средба. Лидер во нашите редови беше Џејкоб Вајли, благодарение на неговото искуство останатите кошаркари делуваа посигурно на теренот, но за жал не дојдоа до посакуваната победа.

Вајли со 28 поени беше прв стрелец во нашите редови, зад него беше Митревски со 10 поени и Мекиќ со исто толку поени.

Добра прва четвртина за нашите момци. Имаа проблем само во воведните минути, Романија отвори со две тројки 0-6. На другата страна како на избраниците на Марјан Илиевски да им беше потребно време за да ја пребродат позитивната трема. Магдевски го „скрши мразот“ за 2-6, а Вајли ја одигра својата улога, ја даде потребната нота самодоверба на теренот. Македонија со серија од 9-0 поведе со 16-12 во осмата минута. Овој период заврши со 18-17.

И стартот на втората четвртина не беше сјаен. Романците отворија со 10-2 за целосен пресврт и највисоки плус седум (20-27) во 14-та минута. Вајли го прекина нашиот пост, погоди две слободни фрлања за 22-27. И токму неговата енергија повторно беше клучна за новиот кам-бек на Македонија, со тројка на Симиќ поведе со 30-29. Вајли со 15. поен на одморот донесе минимални 32-31.

И третата четвртина мина како претходните две, воведните минути повторно беа наша слабост. Вајли повторно спасуваше, но овој пат имаше помош од Симиќ, Ташовски и Митревски. Американецот со македонски пасош со атрактивен кош донесе предност од два поени 57-55 на стартот на решавачките десет минути.

За разлика од претходните три четвртини, Македонија конечно имаше подобар вовед, со 4-1 дојде на први плус пет (61-56) во 32. минута. Имавме шанси да го зголемиме водството, но фалеше реализација во период во кој Вајли беше на клупата. Романците за жал на овој меч се изнадаваа тројки.

Противникот на нецели 4:40 минути до крајот успеа да ги казни нашите грешки да поведе со 64-66, по што Илиевски повика тајм-аут. Магдевски погоди важна тројка за 67-66. Романија дојде на плус 7 (69-76) благодарение на Дикулeску кој беше главен проблем за нашата одбрана. Остана минута надеж за нашите кошаркари, недоволна за чудо.

Следниот натпревар Македонија го игра на 8 август против Унгарија на гостински терен.

ПретходноХамилтон сам побара од Ферари да го сменат: Бескорисен сум!
СледноМекиќ: Покажавме борба, но за жал фалеше искуство