Македонската кошаркарска репрезентација после првото полувреме против Романија во рамките на претквалификациите за СП 2027 година има водство 32-31. Ова е нова Македонија, со големи промени во составот.
Лидер на теренот е Џејкоб Вајли кој има 15 поени, зад него се Мекиќ и Митревски со по пет поени.
Добра прва четвртина за нашите момци, кои имаа проблем само во воведните минути од мечот. Романија отвори со две тројки, на другата страна на избраниците на Марјан Илиевски како да им беше потребно време за да ја пребродат позитивната трема. Магдевски го „скрши мразо“ за 2-6, а Вајли ја одигра својата улога, ја даде потребната нота на теренот. Македонија со серија од 9-0 во осмата минута поведе со 16-12, после првата четвртина беше 18-17.
И стартот на втората четвртина не беше сјаен. Романците отворија со 10-2 за целосен пресврт и највисоки плус седум (20-27) во 14-та минута. Вајли го прекина нашиот пост, погоди две слободни фрлања за 22-27, и токму неговата енергија повторно беше клучна за новиот кам-бек на Македонија, со тројка на Симиќ поведе со 30-29. Вајли со 15-от поен на одморот донесе минимални 32-31.