Некогашниот капитен на младинската фудбалска репрезентација на Македонија до 21 година, Фламур Таири, денеска објави дека и официјално ја завршува својата фудбалска кариера. 34-годишниот стружанец кој последната сезона ја мина во дресот на Струга ТЛ на социјалните мрежи го потврди пензионирањето.
„По многу години на зелените терени, дојде моментот да затворам едно поглавје од мојот живот – со срце исполнето со благодарност. Благодарам на ФК Караорман, Македонија ЃП, Напредок, Теута, ФК Гостивар, КФ Ренова, Билис и посебно на ФК Струга Трим & Лум, која беше мојот дом до самиот крај. Благодарност до соиграчите за секоја заедничка битка, до тренерите за довербата и до навивачите за љубовта. Но над сè, благодарам на моето семејство – за секоја жртва, поддршка и сила на секој чекор од патот. Ова беше еден сон што го живеев со цело срце. Му благодарам на фудбалот“, напиша Таири.