Шкупи во центарот на нов скандал! Дали е ова почеток на крајот за клубот со богата традиција?

2259
ФОТО: FC Skupi/FB

Фудбалскиот клуб Шкупи, кој низ годините бил синоним за борбеност и верни навивачи, повторно е во фокусот на јавноста, но не поради спортски успеси, туку поради сериозни сомнежи за местење натпревари и вклученост во нелегални активности поврзани со обложување.

Последниот скандал доаѓа од вчерашниот контролен натпревар во Анталија, каде Шкупи претрпе пораз од 6:1 од домашниот Анталијаспор. Самиот резултат е алармантен, но уште поголема тревога будат информациите дека на записникот биле пријавени само 14 фудбалери, додека екипата патувала од Скопје, авионски, во три одделни групи.

Тоа што најмногу ја вознемири јавноста се гласините за големи уплати на овој натпревар во обложувалници на Блискиот Исток, модел што за жал сè почесто се поврзува со клубот од Чаир. Сомнежите за местење не се нови. Само пред неколку дена, клубот Аресими одби да одигра контролен меч против Шкупи, откако добиле сигнали дека мечот е потенцијално наместен со пет или повеќе голови.

Тоа беше аларм кој многумина решија да го игнорираат, но сега, по новите случувања, прашањето станува неизбежно:

Кој ќе ја преземе одговорноста?

Според информациите, Фудбалската федерација на Македонија веќе започна постапки поврзани со клубот, но она што останува нејасно е каде се државните институции? Дали некој конечно ќе го заштити интегритетот на македонскиот фудбал и ќе испрати порака дека ова не е земја каде може да се прави што ќе се посака?

Се поставува уште едно важно прашање: Дали овие т.н. странски инвеститори мислат дека Македонија е банана-држава каде можат да газат преку сите правила и вредности на спортот? Време е институциите да им го покажат местото кое навистина го заслужуваат!

No description available.

Актуелен спортски директор на ФК Шкупи е Флорим Муча, близок со поранешниот претседател на ФФМ, Муамед Сејдини. Ова отвора дополнителни прашања за можни релации, влијанија и заштита во сенка, што уште повеќе ја нарушува довербата во спортскиот систем. Ако се потврдат обвинувањата, станува збор за сериозен криминал кој не го нарушува само реномето на еден клуб, туку ја загрозува и целокупната доверба во спортот.

Клуб со историја, навивачи и традиција не смее да биде алатка за сомнителни игри и недозволени бизниси. Потребна е итна и бескомпромисна реакција, не само од спортските тела, туку и од Обвинителството, МВР, Финансиската полиција и сите релевантни институции. Молкот повеќе не е опција.

Со ваква структура, Шкупи ризикува да ја следи судбината на Челик од Зеница, клуб кој настапуваше во европските натпреварувања, а потоа стана симбол за падот поради лошо управување и погрешни луѓе во клубот.

ПретходноИгор Митрески за „СпортСпорт“: Карабах е фаворит, ама Шкендија има шанси да ја мине и оваа пречка!
СледноЏејмс Милнер го менува бројот во спомен на Жота