КАКОВ СЕЛЕКТОР Е ОВА? Андреевски им наредил на кошаркарите да напишат на ливче кој не треба да биде во составот, а потоа гласно читал!

2971
Фото: КФСМ

Марија Ковачева

Машката јуниорска кошаркарска репрезентација на Македонија не успеа да го задржи статусот во А-Дивизијата. Европското првенство во Белград го заврши на 14-то место во конкуренција на 16 учесници.

Шест порази и една победа е вкупниот скор на „црвено-жолтите“ на овој шампионат. Уште еднаш се покажа дека на кошаркарска Македонија местото не и е во А-Дивизија.

Резултатите од ова Европско првенство и не треба да загрижуваат толку многу, колку начинот на кој селекторот, Горан Андреевски го бирал конечниот список на кошаркари кои треба да настапат во Белград. „СпортСпорт“ од сигурни извори дознава дека Андреевски им дал за задача на младите играчи, да напишат на ливче кој не треба да биде во составот и поради која причина.

„За да не бидам јас „вештер“, секој на ливче да напише кој не треба да патува во Белград и зошто“, биле зборовите на Андреевски.

И тука не застанува безобразлукот од страна на селекторот, кој прво треба да биде психолог, а потоа тренер, особено зошто работи со деца до 18 години. Андреевски неразмислувајќи дека ваквиот начин на функционирање е крајно скандалозен, и од психолошка гледана точка – убиствен за децата, ги отворил ливчињата и пред сите ги читал. Истите биле анонимни без потпис од играчите, но бадијала.

Андреевски се чини заборавил на еден важен момент – атмосфера во тимот и градење на пријателство и почит меѓу кошаркарите, а не создавање на непријатели и омраза.

Овој негов метод го нема ниту во светот на возрасните…

Затоа го повикуваме Министерството за Спорт и Кошарската Федерација на Македонија да отвори истрага против за овој случај. Не смее да се дозволи некој да си игра со психата на децата, ваквите моменти можат да остават трајни последици.

Спортот е алатка за зближување, градење на пријателства и создавање на една поинаква култура.

ПретходноШК Алкалоид јуриша кон титулите во двете конкуренции, младинците на ШК Мулти Есенс дојдоа до второто место
СледноЛегендарниот голман на Вардар доби отказ во Веспрем