Гиорги Гришикашвили е едно од засилувањата на ГРК Тиквеш за новата сезона. Кружниот напаѓач е среќен што е во Македонија, ќе се обиде што побрзо да се адаптира во новата средина и да го пренесе своето искуство.
„Среќен сум што дојдов во Тиквеш, Македонија е прекрасна и ракометна земја, а Кавадарци е преубав град. Клубот е веќе неколку години на врвот во македонската лига која е најдобра на Балканот, и еве веќе неколку години се натпреварува на европската сцена.
Пред сè, доаѓањето мое во Македонија е навистина голема одговорност бидејќи грузиските играчи во Македонија имаат навистина оставено голем впечаток, скоро сите репрезентативци од нашата национална селекција ги направија првите чекори како професионални играчи во Македонија и иако не ми е прв пат да играм надвор од Грузија, сепак е голем чекор за мене да се подобрам на теренот и надвор од теренот.
Ќе се потрудам што побрзо да се адаптирам со новите тренери и соиграчи и да имам одлична сезона полна со победи и нови искуства. Ќе се потрудам да го пренесам целото мое клубско и репрезентативно искуство на теренот, и достојно да ги бранам боите на клубот и градот, и најважно од сè, се надевам дека сите ќе бидат здрави во текот на сезоната
Нестрпливо го чекам првиот домашен натпревар и првиот допир со едни од најдобрите навивачи Лозари”, изјави за официјалната страница.
Екипата на Тиквеш се подготвува за новата сезона во која освен во домашниот шампионат ќе игра и во Европскиот Куп на ЕХФ, каде што во второто коло за ривал го доби Бешикташ.