Дамите на ШК Алкалоид убедливо до титулата – двојна круна во најава!

16

Шахистките на Алкалоид со убедлива и сигурна игра и со максимални пет победи во пет кола стигнаа до 10 меш-бодови, кои им ја донесоа шампионската титула за 2025 година.

Во последното коло од Екипното државно првенство за жени, кое се игра во Струмица, фармацевтките стигнаа до победа изразена со 3,5 : 0,5 против ШК Неготино, кој го завршува турнирот на третото место со 6 бода. Второпласирана е екипата на МШК Центар со 8 меч-бодови.

Екипата на ШК Алкалоид, со комплетен состав ИМ Лела Јавакишвили, ВМ Бела Котенашвили, ЖФМ Моника Стојковска, ЖИМ Габриела Коскоска, ЖФМ Моника Жежовска и Леа Ефтовска, на целиот турнир оствари 17 победи, само 3 ремија и ниедна загубена партија во сите мечеви.

„Карактеристика на мечевите во женска конкуренција се големата непредвидливост и многуте пресврти. И овојпат беше така, имаше многу оган на таблите, навистина голема борба. Во пресудниот меч за титулата одлична партија изигра женскиот ФИДЕ-мајстор, повеќекратната државна шампионка Моника Стојковска, но и таа партија како и другите беа плод на повеќемесечните подготовки. Овојпат разработувавме повеќе сценарија, што не е типично за екипните мечеви, па сметам дека бевме соодветно подготвени. Не беше лесно ниту за интернационалките на првите табли. Имаа тешки партии, иако, со исклучок на екипите на Центар и на Неготино, другите екипи не располагаа со висококвалитетни играчи. Конкуренцијата беше сконцентрирана во помал број клубови, но повеќе проблеми создаде одлуката на ШФМ да се играат две кола во еден ден, бидејќи тоа влијаеше врз ритамот. Посакувам во женскиот македонски шах да продолжи развојот на младите таленти, што реално треба да биде долгорочна заложба во интерес на македонскиот шах“, изјави ВМ Влатко Богдановски, капитен на женскиот тим на ШК Алкалоид.

Со овој триумф се отвора патот кон двојната круна затоа што и машката екипа на ШК Алкалоид е во водство по пет одиграни кола. Синоќа беше извојувана победа над ГШК Куманово 1 со максимални 6 : 0, што јасно ја демонстрираше разликата во класа меѓу двата тима.

Младите шахисти кои потекнуваат од шаховската школа на Алкалоид, а кои настапуваат за лани формираниот ШК Мулти Есенс, вчера го совладаа ШК Гостивар со 3,5 : 2,5 и натаму се непоразени, односно со 9 бода се на извонредното второ место. Како што дозволуваат пропозициите, на првите две табли играат странските играчи, а во случајов токму тие партии завршија со поделба на поенот. На третата и на шестата табла победи забележаа Михаил Јорданов и Матео Ефтовски, Стојан Велкоски ремизираше, а единствен кој загуби е Теодор Јовановски.

На другите два меча Шкупи ремизираше со Нов Напредок од Штип (3 : 3), а Прилеп загуби од Гамбит (1,5 : 4,5).

Во шестото коло ШК Алкалоид игра со ШК Гостивар, додека, пак, ШК Мулти Есенс има директен дуел со конкурентот за висок пласман, ШК Нов Напредок од Штип, кој во моментов е на делба на третото место.

ПретходноНајскапото летно засилување пристигна во Милан! Алегри го чека уште Србинот!
СледноЗлатибор е новата „база“ на Пелистер (ФОТО+ВИДЕО)