Преговорите траеја долго, Бриж одолеваше до самиот крај, но Милан конечно го доби посакуваното засилување.
Игли Таре успеа да се договори со Белгијците – во Ломбардија пристигнува Швајцарецот Ардон Јашари, и тоа како најскапо летно засилување за „росонерите“. Милан ќе плати 38 милиони евра на Бриж за поранешниот играч на Луцерн, односно околу 34 милиони плус бонуси.
Играчот одамна ги договори личните услови – петгодишен договор вреден 2,5 милиони евра по сезона. Овој играч од средниот ред минатата сезона со Бриж го освои Купот на Белгија и заврши втор во лигата. Одигра околу 50 натпревари, постигна четири гола и запиша шест асистенции.
Јашари дебитираше и за швајцарската репрезентација. Тој е петтото засилување на Милан летово, по Ричи, Модриќ, Еступињан и голманот Теракано.
Сепак, преодниот рок не е завршен. Алегри бара напаѓач, а сите знаат дека прва мета е Влаховиќ, иако сè уште нема конкретна понуда за Србинот, кој би морал да го преполови својот договор со Јувентус. Можно е уште еден Швајцарец – младиот бек на Јанг Бојс, Атекаме – да пристигне во Милан за околу десет милиони евра, како конкуренција на десната бековска позиција.
Се разбира, „росонерите“ оваа сезона не играат во Европа, па главна цел им е пласман меѓу првите четири и враќање во Лигата на шампионите.