Пораз од Швајцарија во првиот меч на 49. издание на турнирот „Чајка“

37
фото: Одбојкарска федерација на Македонија

Македонската одбојкарска репрезентација со пораз го започна настапот на 49. Меморијален турнир „Бранко Хаџииљоски – Чајка“ во Скопје. Денеска на отворањето на турнирот нашите одбојкари беа поразени во четири сета од селекцијата на Швајцарија.

МАКЕДОНИЈА – ШВАЈЦАРИЈА  1:3 (25:23, 15:25, 24:26, 23:25)

Избраниците на селекторот Миленкоски добро го отворија мечот и успеаја во добар дел од првиот сет да бидат во егал со одлично мотивираната гостинска селекција. Швајцарците во завршницата влегоа со неколку поени предност, но кога беше најпотребно успеавме да фатиме серија поени и да дојдеме до 25:23 за освојување на првиот сет.

Во вториот сет Швајцарците комплетно ја разбија нашата игра и на прием и во напад и се чини не ни оставија шанси да се надеваме на зголемено водство. Убедливо го освоија сетот со 15:25 и израмнија на 1-1.

Третиот сет се чинеше дека е наша шанса да се вратиме со водство, но кога беше најпотребно потфрливме. Успеавме во финишот да ја анулираме предноста која Швајцарија ја имаше од 1-2 поени, минавме во водство од 24:22, но не искористивме ниту една сет-топка. Напротив дозволивме Швајцарија да се врати со серија од 0:4 и да го освои сетот за водство 1-2.

Слична разврска и во четвртиот сет. Бевме во егал до самиот крај, но кога дојдовме до прва предност од два поени (17:15), не успеавме да се одлепиме. Гостите знаеја како да ги искористат сите наши слабости и во финишот со 23:25 го решија мечот во своја полза.

Најдобар реализатор во нашата репрезентација беше капитенот Никола Ѓоргиев со 16 поени, поен помалку од него имаше Љафтов, додека со 10 поени заврши Стојан Илиев.

На турнирот утре (19 ч.) Швајцарија ќе се сретне со Бугарија, додека ние во четврток од 19 часот ќе играме со Бугарија во последниот меч на турнирот.

ПретходноЧетвртиот најдобар пингпонгар во светот доаѓа во Скопје!
СледноМилан ќе му плати 39 милиони евра на Бриж за Јашари