Шкендија – Карабах 0:1 е исходот од првиот дуел од двомечот во 3.квалификациско коло во ЛШ, кој се одигра вечерва на Арената во Скопје.
Стрелец на голот беше Бајрамов од пенал во 18.минута. Ова беше прв европски пораз на Шкендија ова лето во Европа во својот петти меч.
Па така на реваншот во Баку следниот вторник, Шкендија ќе има пеколно тешка задача да го елиминира шампионот на Азербејџан.
Јасно е дека Карабах е силен, квалитетен тим, но исто така е јасно дека Шкендија можеше и повеќе.
Веднаш се виде дека, за разлика од останатите мечеви, Шкендија на вечерашниот влезе премногу внимателна, како да беше премногу импресионирана. И тоа во целост го искористи Карабах кој веднаш го презде поседот. Немаше шанси, но се некако “мирисаше“ дека набргу ќе дојде. И дојде од пенал во таа 18.минута откако Бајрамов беше максимално прецизен. Претходно Вебстер непотребно го фаулираше Андраде, за судијата го извлече надвор од казнеиот простиор. Сепак по интервенција на ВАР, беше покажан казнет удар за гостите.
Покрај тој гол Карабах опасни се закани преку Борхес, Зоубир имаше зицер, Педро Бикаљо.
На другата страна Ибраими двапати влезе во шанса, но сепак Красниќи во 27.минута ја имаше најдобрата шанса, по неговиот шут топката одеше во голот но во последен момент беше изблокиран.
Па така со тие 0:1 се замина на пауза.
БЕЌИРИ РЕАГИРА, ВО ИГРА ЗЕЈНУЛАИ И ЌАКА
Откако виде дека гостите ја имаа иницијативата, играта и поседот, на полувремето реагираше тренерот на Шкендија,Јетон Беќири и во игра ги внесе Зејнулаи и Ќака место Красниќи и Алхасан.
Шкендија малку се “размрда“, имаше нешто повеќе креација, но далеку од тоа дека таквата игра резултираше со шанси и голови за нашиот шампион. Во 62.минута и Крстевски влезе во игра, стрелецот на прекрасниот гол во Букурешт со цел уште повеќе да се засили нападот.
И конечно притисок на Шкендија од таа 65.минута, кој резултираше со супер шанса за Тамба, но немаше среќа. Минута подоцна и Ќака од далечина ги измами воздишките на Арената, а Гаје во 70.минута ги собра сите аплаузи откако феноменално му го одбрани ударот на Зоубир.
Да го споменеме и ударот од слободен удар на Ибраими од 22 метри, кој заврши над голот на Кохалски.
Во 78. минута, откако проигра со Крстевски, Ибраими од тешка ситуациј повторно се обиде, но гол за Шкендија нема па нема. Во 88.минута Бесарт имаше зицер, но нема гол за него ова лето во Европа.
Штета.
3.квалификациско коло во ЛШ (прв меч)
ШКЕНДИЈА – КАРАБАХ 0:1 (0:1)
Национална Арена “Тодор Проески“ во Скопје. Судија: Иван Кружлијак (Словачка). Стрелци: Бајрамов 18.(КАР).
ШКЕНДИЈА: Гаје, Трумчи, Фетаи, Цаке, Вебстер, Р. Рамадани, Алхасан (46. Ќака), Красниќи (46. Зејнулаи), Тамба (80. Адеми), Љатифи (62. Крстевски), Ибраими (89.Ф. Рамадани).
КАРАБАХ: Кохалски, Матеус Силва (80. Хусеинов), Мустафахазаде, Медина, Бајрамов (73.Јафаргулиев), Педро Бикаљо, Каду Борхес (73.Кашчук), Леандро Андраде (80.Коуакоу), Адаи (58. Јанковиќ), Зоубир, Акундзаде.