Тренерот на РК Пролет, Никола Матлиески вчера ја одржа првата прозивка, со што беше означен стартот на подготовките за новата сезона на скопскиот суперлигаш. Екипата се засили со четири нови ракометари во пресрет на претстојната натпреварувачка сезона кои исто така беа промовирани на првиот собир.
Поранешниот македонски репрезентативец Марко Мишевски е нов ракометар на Т. Пролет откако потпиша договор со тимот. Марко Трајковски е второто ново име во таборот на Пролет, откако 23-годишниот пивот го стави својот потпис и се враќа назад во клубот за кој настапуваше како младинец. Тој минатата сезона ги бранеше боите на Борец Велес. Бојан Солев е нов чувар на мрежата. Тој минатата сезона настапуваше во Борец Велес. Квартетот на засилувања го заокружи Кристијан Давитковски, искусниот десен бек кој до пред две години ги бранеше боите на Т. Пролет, а потоа реши да се пресели во Бутел од каде сега се врати назад.

Како што потенцираат од клубот, амбициите се исти како и во претходните години – пласман во плеј-оф натпреварувањето, а желба на сите во стручниот штаб и во играчкиот кадар е да се стигне до место во Топ 6 и потоа да се разигрува за највисок пласман со најдобрите екипи во македонскиот ракомет.
Подготовките за новата сезона ќе се одвиваат во Скопје, а планот е да се работи во засилено темпо, со два тренинзи дневно.
Првиот пријателски натпревар Тинекс Пролет ќе го одигра на 16 август против прволигашот Мулти Есенс, по што ќе следи настапот на турнирот „Миле Нешковски“ во Прилеп, каде прв противник ќе ни биде тимот на Еурофарм Пелистер 2, а ќе одиграат меч и со српскиот тим Црвена Звезда. Турнирот во Прилеп ќе трае до 24 август, секоја екипа ќе одигра по три натпревари, по што екипата ќе се врати назад во Скопје, каде се очекува да одигра уште најмалку еден меч до стартот на новата суперлигашка сезона.
Тинекс Пролет во рамките од првото суперлигашко коло од новата сезона ќе го пречека тимот на Тиквеш.