Македонските екипи ги прават последните подготовки пред стартот на сезоната во ПМФЛ, која ќе биде историска бидејќи за првпат ќе се применува ВАР- технологијата. Мечевите ќе се играат од петок до понеделник, а на стартот во фокусот е вечното дерби меѓу Вардар и Пелистер кое се игра утре на Националната Арена.
Од таборот на битолчани ги искажаа своите очекувања, велат подготвени се и за сезоната, но и за пресметката со Вардар.
,,Спремни сме за почетокот на сезоната и за дербито со Вардар. Сите знаеме каков натпревар ни следи и атмосферата во нашата соблекувална е одлична. Со нетрпение го чекаме натпреварот, го респектираме противникот, но цел ни е да ги донесеме бодовите во Битола. Тоа би бил добар почеток за нас и за нашите навивачи „Чкембари“. Со добра игра и исполнување на задачите од стручниот штаб можеме да ја исполниме целта“, изјави Филип Бошковски.