Дамјан Митев минатата сезона доби една од главните улоги и екипата се потпираше на него во најважните натпревари, особено на европската сцена. Испитот успешно го положи и во следната сезона влегува со поголемо искуство и самодоверба во систем на игра што веќе добро го познава.
Предизвиците ќе бидат поголеми и потешки, но РК Алкалоид одамна го има одбрано својот пат.
„Подготовките течат на највисоко ниво. Задоволен сум многу од екипата, имаме добра хемија, се бориме еден за друг. И оваа нова сезона нѐ чека тежок предизвик. Во Европската лига ќе играме двомеч со Хановер, а почнуваме на 31 август на гостински терен. Станува збор за тежок ривал, екипа од Бундеслигата, но ќе се бориме и нема да се откажеме. Потоа следува реваншот во Скопје и ќе треба да се покажеме во најдобро светло пред нашата публика.
Оваа година Суперлигата ќе биде една од посилните и поквалитетна од претходните сезони. Ќе се бориме, очекуваме високи резултати“, изјави Дамјан Митев