Нема ништо од најавениот американски инвеститор во ФК Победа од Прилеп. И покрај преземените акции од претходната управа, луѓето кои што требаше да го водат клубот во периодот кој што следува, веќе се далеку од Прилеп.
Поточно, Сашо Попоски, несудениот нов спортски директор на Победа веќе има ангажман како помишник тренер на Блискиот Исток, а се што се зборуваше околу ангажманот во Победа веќе паѓа во вода.
Остануваат празните ветувања, којзнае кој по ред за спас на клубот, и финансиска и организациска стабилизација. Зошто е тоа така? Чаршијата во Прилеп наголемо зборуваше за новиот спонзор од САД, претставен од Попоски кој што ги презема акциите на ФК Победа, но не и раководењето на клубот очигледно. Причината според информациите се преголемите долгови кои што наводно Победа ги има во моментов, иако сметката на клубот не е блокирана.
Па така, кога веќе од „американците“ нема ништо, Општина Прилеп се нафати да го спаси клубот од очајната состојба и со финансиска инјекција од милион денари во моментов да му помогне барем да се започне со подготовки.
Дали сега сопственичката на акциите Јана Мицковска Попоска, која што е заведена во Централниот регистар, инаку сопруга на Сашо Попоски истите ќе ги врати на општината или пак ќе се појави повторно некој што ќе ги преземе истите останува да видиме.
Долговите кои што и се припишуваат на Победа се големи, колкави се, едноставно никој нема точен одговор, а како стојат работите, локалната власт повторно ќе се најде како главен помагач на фудбалот во Прилеп.