Денеска стартува 34. шампионат во ПМФЛ во самостојна Македонија. „СпортСпорт“ низ 12 текста во следните денови до понеделник, во деновите кога ќе играат, ќе ги претстави сите клубови кои во сезоната 2025/26 ќе играат во елитата.
Секако дека ќе почнеме со Вардар, со нашиот најтрофеен клуб од кого се очекува со сите сили да атакува кон својата вкупно 13 титула (11 во самостојна Македонија и таа една од екс-СФРЈ).
Вардар ова лето по цели седум години играше во Европа, мина едно коло што беше приоритет и сега целосно се врти кон домашната сцена, каде во ПМФЛ ќе оди по трофејот а во Купот по одбрана на пехарот како актуелен освојувач на Купот на Македонија.
Амбициите се двојна круна, тука нема дилеми. Како најголем и најтрофеен клуб во Македонија таквите амбиции му личат.

Стратегот Гоце Седлоски има добар тим, одличен за наши услови. Раководството ова лето само со новите имиња го зголеми квалитетот и го прошири ростерот.
Дојдоа Кастењада, Олаосебикан, Чимбембе, Данев… имиња кои секако ќе придонесат за уште подобар Вардар оваа сезона. Вардар има навика од минатата пролетна полусезона да победува, има се што му треба, ќе треба само да ја оправда фаворитската улога. Според прогнозите Шкендија ќе му биде најголем фаворит, но вардарци ќе имаат предност ако се знае дека тетовци цела есен ќе играат во Европа, логично е ПМФЛ да им биде во втор план.
Вардар последен пат беше шампион во таа 2019/2020 сезона.















