Македонската кадетска машка репрезентација го запиша вториот пораз на Европското првенство Дивизија Б кое се одржува во Скопје, откако беше совладана од Ирска со 67-70. Нашите кошаркари имаа позитива од 15 поени, но паднаа во последната четвртина и во решавачките моменти.
Противникот подобро го отвори мечот, поведе со 11-18, но Македонија брзо ја надокнади негативата и после првите десет минут водеше со 21-20. Во продолжение „црвено-жолтите“ го подигнаа нивото на квалитет, на одморот замина со 43-38.
И третата четвртина беше во знакот на Македонија, која пред крајот на овој период водеше со 56-41. Но, токму од овој момент започна падот во играта на избраниците на Нермин Пепиќ. Ирска со серија од 13-0 дојде на 56-54, а потоа успеа после долго време да го врати водството на 62-63.
Во последните 20 секунди Ирска со два плус еден поен поведоа со 67-69, а Пепиќ повика тајм-аут. Наместо напад за изедначување, нашите кошаркари ја згаубија топката, па Ирска погоди едно од двете слободни фрлања за 67-70 на десет секунди до крајот. И одново следеше тајм-аут за Македонија, и повторно без реализација за радост на противникот.
Гиновски со 19 поени беше прв стрелец, зад него беше Сотир со 16 поени, додека двоцифрени беа уште Чучанов и Рајковски, со 11 односно 10 поени.
Шансата за победа нашите кадети ќе ја бараат утре против Полска (18:30 часот) во меч од третото коло.










