Македонската машка одбојкарска репрезентација со учеството и настапот на Меморијалниот турнир „Чајка“ во Скопје ги заврши подготовките пред последните два квалификациски натпревари за пласман на Европското првенство. Иако очекувавме победнички пат кон Грција, сепак, поразите од Швајцарија и Бугарија на турнирот во Скопје го запалија црвеното светло. Одбојкарите во неколку елементи од оиграта потфрлија, а грешките кои не чинеа порази против Швајцарија и Бугарија ќе мора да бидат анулирани во деновите до патувањето во Атина.
„На овој турнир се покажа дека сите играат одбојка. Швајцарците одиграа одлична одбојка. Со нив одигравме добар меч, загубивме два сета на разлика, еве и денеска против Бугарија загубивме два сета на разлика. Малку ме плаши тоа што почнуваме да губиме кога играме егал, но то амора итно да го поправиме. Сепак, имаше и многу добри работи. Како на пример одбраната, но контрата и блокот не се највисоко ниво. Но, тоа е што е. Овие играчи се најдобрите што ги имаме, најдоброто од Македонија и на нашите плеќи треба да го извлечеме Европското првенство. На овие мечеви може и да имаме оправдување, но веќе од среда нема оправдување. Или ќе играме на Европско по четврти пат, или ќе останеме на три учества“, вели капитенот на нашата селекција, Никола Ѓоргиев.
Македонската репрезентација до вторник ќе се подготвува во Скопје, по што заминува за Атина каде на 13 август го играме клучниот меч за четврти пласман на континенталното првенство.